Дојдов да дадам поддршка за родителите на Јана, не да ги обвиниме лекарите, туку да ја дознаеме вистината. Како настанала смртта на ова девојче, кое на нозе одело до болницата, за само четири часа, рече една од учесничките на протестот во Скопје
Битолчани очекуваат резултати од обдукцијата, точна информација од стручните комисии, и порачаа дека ако е потребно, нека се вклучат и странски експерти за утврдување на причините за смртта на Јана Христовска
Протести под слоганот „Правда за Јана“ и „Сите сме Јана“ вечерва се одржаа пред Министерството за здравство во Скопје и на плоштадот „Магнолија“ во Битола.
Двата протести следуваат откако шестгодишната Јана на 22 март почина во битолската клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање, а нејзините родители јавно раскажаа дека детето починало откако примило инфузија со гликоза иако му било измерено покачен шеќер во крвта со вредност 9.
„Сакаме и инсистираме на одговорно здравство“, „Поддршка за семејството на Јана. Правдата да излезе на виделина“, беа дел од пораките испишани на транспаренти на протестот пред Министерството за здравство во Скопје. Порачаа дека е доста на нефункционалноста, партизацијата и лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вина на пациентите.
„Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Смртта не доаѓа според закон, прописи и протоколи. Јана е од нешто отидена. Бараме да откриеме зошто е тоа така. Ако родителите велат дека детето било здраво, право, ако има некоја индикација дека имало претходни проблеми, информирајте ја јавноста. Вака само се потресуваат луѓе. Тука доаѓаат и мајки коишто имаат и други здравствени проблеми и коишто шетаат низ истите лавиринти и не знаат што уште ќе им се случи“,
изјави Татјана Стојановска, граѓански активист.
Пред медиумите зборуваа и други учесници на протестот. Исплашена сум да го однесам детето во државно здравство, рече една од учесничките.
„Јас сум мајка на девојка со ретка болест која во државата една деценија е лекувана и дијагностицирана со грешна дијагноза. Тука дојдов да дадам поддршка за родителите на Јана, не да ги обвиниме лекарите, туку да ја дознаеме вистината. Како настанала смртта на ова девојче за само четири часа, кое на нозе одело до болницата. Мене не ми е јасно, јас имам неколку неодговорени прашања кои ме мачат неколку дена и сум крајно вознемирена и исплашена да однесам сега дете во државно здравство“,
рече учесничката на протестот, пренесе МИА.
И во Битола демонстрантите изразија незадоволство од состојбите во македонското здравство. Таму протестот го организираа роднини и пријатели на семејството на Јана.
„Ние не можеме назад да ја вратиме Јана, но сакаме колку што е можно повеќе да спасиме други дечиња, да не ја доживеат истата судбина“,
истакна Игор Петковски на вечерашниот мирен протест во Битола.
Битолчани очекуваат резултати од обдукцијата, точна информација од стручните комисии, и порачаа дека ако е потребно, нека се вклучат и странски експерти за утврдување на причините за смртта на Јана Христовска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, изврши вонреден инспекциски надзор во битолската болница, по што објави дека од она што е во негова надлежност, не се констатирани недостатоци. Резултатите од обдукцијата, пак, сè уште се чекаат, а во случајот постапува и Основното јавно обвинителство Битола.