Директорот на Историскиот музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, во писмена изјава за дел од медиумите вели дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат тоа да се прави за соодветен надоместок
За снимањето на делови од спотот во „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство, не било доставено барање до Управата за заштита на културното наследство за негово користење за спотот, потврдила за телевизијата Телма директорката на Управата, Весела Честоева
Споменикот „Македониум“, кој ја симболизира македонската борба за слобода и е заштитено културно наследство на државата, за 500 бил отстапен на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање на делови од спотот за неговата песна „Секси мама“.

Дека делови од спотот се снимани во внатрешноста на објектот, што може да се види во самиот видеозапис за песната, потврди директорот на установата Историски музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески. Тој во писмена изјава до медиумите вели дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат споменикот да се отстапува за слични намени по соодветна цена. Вели дека терминот „изнајмување“ на „Македониумот“ е прегруб збор, затоа што, според него, установата само го отстапила за потребите на снимањето на спотот.
Во однос на прашањето дали биле запознаени со содржината на песната и видеозаписот за неа, во кој има и еротски сцени со кревети и играње, директорот вели дека тие не се снимени во „Македониумот“, туку на други локации во Македонија.
„Сцените со кревети и играње не се снимени во ‘Македониумот’, туку на други локации, бидејќи спотот е сниман на повеќе места во Македонија. Тие имаат доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот“,
навел директорот Оџаклиески во писмената изјава за телевизија Сител.
Спотот бил снимен во февруари, а во однос на сумата за која се отстапува споменикот, тој вели немаат точно оформена цена и дека таа зависи колку часа се користи објектот.
„Немаме точно оформена цена, се отстапува на час, на пример за околу 500 евра за 5-6 часа. Таква одлука претходно има донесено Управниот одбор, односно просторот да се отстапува, а за тоа да се наплаќа соодветна цена. Тие пари ги користиме за одржување на културно-историските објекти, вклучително и ‘Македониумот’“, вели
директорот на Историскиот музеј „Крушево“.
За снимањето на делови од спотот во „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство, не било доставено барање до Управата за заштита на културното наследство за негово користење за спотот. Ова за телевизија Телма го потврдила директорката на Управата, Весела Честоева. Како што појаснила таа, до институцијата со која раководи пристигнуваат барања за фотографирање и филмско снимање во објекти под заштита, по кои Управата постапува согласно своите надлежности.
Честоева за Телма изјавила дека барањето може да биде одбиено доколку Управата оцени дека станува збор за настан или содржина што не спаѓа во категоријата културна манифестација.

Инаку, „Македониумот“ е дело на брачниот пар Јордан и Искра Грабуловски. Споменичниот комплекс е отворен на 2 август 1974 година, на одбележувањето на 30-годичнината од Првото заседание на АСНОМ и на 71 година од Илинденското востание. Во него се наоѓа и вечното почивалиште на ревулуционерот Никола Карев, претседателот на Крушевската Република.
„Македониумот“ со години се соочува со проблеми поради протекување и оштетувања. Владата во септември минатата година најави дека ќе издвои 2,5 милиони денари за интервентна заштита на споменикот. Според тогашните најави, проектот требаше да биде реализиран до крајот на минатата година, а до средината на оваа да биде финализирана целосната реконструкција и конзервација на целиот комплекс.
Летово започна поставување метална конструкција на витражите за заштита од атмосферски влијанија. Ова предизвика реакции во јавноста, а дел од коментарите и критиките беа дека „Македониумот“ изгледа како да е зад решетки.
