Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во попладневните часови, изјави Заев и апелираше до граѓаните да се пријавуваат на веб-страницата за вакцинација
Премиерот Зоран Заев денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинираше против коронавирусот со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

„Ја примив првата доза од вакцината на ‘Синофарм’, односно онаа што беше на располагање кога ми дојде мене редот согласно Националниот план за вакцинација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во денешните попладневни часови“,
изјави Заев по вакцинирањето.
Тој ги охрабри сите граѓани што досега не се пријавиле за вакцинација на веб-страницата вакцинација.мк, да го направат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.
„Вакцините се безбедни, проверени, тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши борбата со овој невидлив непријател пандемијата на ковид-19. Важно е масовно да се учествува во процесот за имунизација за да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да го постигнеме колективниот имунитет“,
рече премиерот Заев.
Според податоците на Министерството, во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92 253 граѓани.
Попладнево, според најавите, во „Борис Трајковски“ ќе се вакцинираат и заменик-министрите.