Со анализа на добиените податоци попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот, велат од УНДП.
Од денеска на две локации во Скопје, во Карпош и Лисиче, два уреди ќе собираат податоци за квалитетот на воздухот 24 часа на ден во текот на наредните 12 месеци.
Со ова почнуваат теренските истражувања во рамки на Студијата за пропорционирање на загадувачите и се очекува анализата на податоците од овие уреди прецизно да ги открије поединечните извори на загадувањето на воздухот во главниот град.

„Собраните примероци од уредите поставени во Карпош – урбана област и Лисиче – област со индустрија, сообраќај и резиденцијална зона, кои ќе земаат агрегирани 24 часовни примероци на ситните фракции на честички ПМ 2,5 ќе бидат анализирани со користење на референтни методи и строги аналитички протоколи и врз основа на тоа ќе бидат изработени модели кои овозможуваат поврзување на измерената маса на поедини загадувачки материи на дадена локација, со групи на извори на загадување“,
соопштија од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) која го спроведува овој проект.
Студијата, појаснуваат одф УНДП, се очекува да покаже кои се поединечните загадувачи во Скопје, како и да го покаже кој извор (индустрија, согорување на биомаса, сообраќај, управување со отпад итн) колку придонесува во загадувањето на локациите каде се поставени уредите.

Податоците од оваа студија ќе бидат основа за да се креираат ефикасни и реални политики за контрола на загадувањето.
„Сите предвидени активности ќе бидат во целост извршени согласно ’Референтниот прирачник за пропорционирање на изворите на загадување и изработка на рецепторни модели‘, издаден од Заедничкиот Истражувачки Центар на Европската комисија, а финалните резултати ќе бидат објавени кон крајот на 2021 година“,
велат од УНДП.

Овој проект е финансиран од Владата на Шведска, а УНДП го спроведува во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамки на овој проект ќе се изберат и 100 домаќинства од Лисиче кои ќе добијат грантови до 10 000 американски долари со кои избраните домови ќе треба да го заменат начинот на греење, да ги променат прозорците, вратите, фасадите и покривите за да имаат поголема енергетска ефикасност. Оценувањето и изборот на 100 домаќинства е во финална фаза.