Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска посочи дека располага со информации дека одредена група за вечерашните протести подготвува молотови коктели

Предмалку започна петтиот по ред протест против францускиот предлог. Денеска од организацијата на протестот насловен „Ултиматум – не благодарам“, повикаа на масовен, но мирен протест. Планот е протестниот марш да започне од Владата, а преку МНР да заврши пред Собранието.
„Да кажеме не на бугаризацијата. Не за полициските инфилтрати и не за полициското насилство. Да излеземе масовно и достоинствено“
се вели во повикот за денешниот протест.

Димитар Апасиев од Левица денеска на социјалните мрежи повика од протестот да се отстранат сите што ќе бидат со фантомки на глава.

На протестот присуствува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој исто така посочи дека насилството не оди во прилог на иницијативата и повика на мирољубив протест.
Повиците за мирни протести доаѓаат по вчерашната ескалација на собирот пред Собрание, кој заврши со 47 повредени полицајци,11 уапсени демонстранти, а причинета беше материјална штета на Владата, МНР, како и на собраниската зграда.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на повредените полициски службеници на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ денеска кажа дека располагаат со информации дека одредена група за вечерашните најавени протести подготвуваат молотови коктели.