Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на почетокот на денешниот протест против францускиот предлог изјави дека собирите нема да запрат и во претстојните денови, а на граѓаните им порача да излегуваат масовно, но мирољубиво. Тој смета дека насилството оди во прилог на оние што се против протестите.
„Народот, како што гледате и сега продолжува да се собира, ние ќе повикуваме и понатаму во деновите што следат, затоа што сметаме дека власта не сака да го слушне народот кој громогласно вели „не“ на овој асимилаторски договор. Ценам дека треба секојдневно во што поголем број мирољубиво да се собираме, да го кажуваме нашиот демократски став, без насилство, затоа што насилството му одговара само на оној што истото насилство секое утро како аналитичар го најавува, наместо да го спречува и помага и го охрабрува. Насилството му одговара на оној кој сака оваа иницијатива да ја сопре, а ние имаме чиста цел, чиста намера, а тоа е да го сочуваме идентитетот и нашиот мајчин, македонски јазик и благодарност до сите оние сограѓани кои ни даваат поддршка и заедно со нас се борат за македонскиот идентитет“,
изјави Мицкоски вечерва пред Влада и порача оти се надева дека власта ќе ги прифати забелешките на ВМРО-ДПМНЕ и ќе го коригира францускиот предлог.
Вчера, пред ексалацијата на протестите кои завршија со 47 повредени полицајци и 11 уапсени демонстранти, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека има најава за радикализација на протестите и повика на одговорност на политичките субјектите и на граѓаните, за кои рече дека секако имаат демократско право на протест. И денеска, по посетата на повредените полициски службеници на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, министерот Спасовски кажа дека располага со информации дека одредена група за вечерашните протести подготвувала молотови коктели.
И премиерот Димитар Ковачевски вчера предупреди дека за вечерта се планирало ‘нешто што не доликува на земја-членка на НАТО’. По вчерашната ескалација, премиерот денеска порача дека насилството и омразата не се решение. На, како што рече, потпалувачите на протестите, им порача да не манипулираат со млади луѓе за да си задоволат политичките апетити.