Според него, меѓу Македонија и Босна и Херцеговина нема отворени билатерални прашања
Во фокусот на разговорите била и економската соработка, истакнувајќи ја потребата од почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Сараево се сретна со неговиот босански колега, Елмедин Конаковиќ, при што се потврдија одличната билатерална соработка и конструктивниот политички дијалог меѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција со Конаковиќ по средбата, Муцунски истакна дека Македонија и Босна и Херцеговина одржуваат редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и дека меѓу двете држави нема отворени билатерални прашања.
„Одржуваме редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и немаме отворени билатерални прашања. Во денешните геополитички околности, тоа претставува редок и позитивен пример во регионот“,
кажа Муцунски на заедничката прес-конференција по средбата.
Двајцата министри разговараа за актуелните политички состојби на Западен Балкан, процесот на европска интеграција и политиката на проширување на Европската Унија.
На средбата е посочено дека проширувањето останува стратешки интерес и за земјите од регионот и за самата ЕУ, особено во услови на зголемени геополитички предизвици.
„Нашите две држави ги поврзуваат заеднички стратешки цели, пред сè европската перспектива на регионот, како и заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и Европа“,
рече шефот на дипломатијата.
Во фокусот на разговорите е и економската соработка, истакнувајќи ја потребата од почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево.
„И покрај одличните политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји. Во таа насока, иницираме организирање на бизнис-форуми, надминување на оперативните предизвици во транспортот и подобрување на транспортната поврзаност, вклучително и преку повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево“,
вели тој.
Соговорниците разменија мислења и за безбедносните предизвици во регионот, нагласувајќи ја важноста од зачувување на стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, во согласност со Дејтонскиот мировен договор.
„Цврсто стоиме зад суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина. Почитувањето на државните симболи и меѓународно признатиот субјективитет на БиХ останува наш принципиелен и конзистентен став“,
рече министерот.
Муцунски ја повтори поддршката на Македонија за евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, истакнувајќи дека како членка на НАТО земјава ги поддржува реформските процеси и соработката на БиХ со Алијансата и меѓународните партнери.
„Истовремено, сметаме дека ангажманот на НАТО и Европската Унија, заедно со присуството на ЕУФОР-Алтеа и Канцеларијата на високиот претставник, остануваат од суштинско значење за зачувување на стабилноста, безбедноста и целосната имплементација на Дејтонскиот мировен договор“,
кажа тој.
На средбата е потенцирана и важноста од меѓусебната поддршка во рамките на кандидатурите во меѓународните организации и форуми.
„Убеден сум дека денешните разговори ќе дадат нов импулс во натамошното јакнење на нашето партнерство и пријателство, засновано на доверба, меѓусебна поддршка и заедничка визија за стабилен, безбеден и економски просперитетен регион“,
рече Муцунски.
Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог, економската соработка и партнерството меѓу двете пријателски земји.
