Во услови на зголемени глобални безбедносни предизвици, двајцата соговорници го истакнаа значењето на стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО како клучни фактори за стабилност и безбедност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со вршителката на должноста амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД), Никол Варнес, што воедно беше и прва средба по неодамнешната посета на САД во рамките на втората сесија од Стратешкиот дијалог.

На средбата е изразено задоволство од продлабочувањето на билатералните односи и соработката меѓу двете земји. Муцунски ја реафирмира посветеноста на Владата кон натамошно јакнење на партнерството, со акцент на економската соработка и привлекување нови инвестиции.
„Стана збор и за меѓународните односи, актуелните состојби во рамки на НАТО, како и за тековните безбедносни предизвици. Посебен осврт беше направен на реформските процеси, вклучително во областа на судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и на реализацијата на инфраструктурните проекти“,
напиша Муцунски на Фејсбук.
Во услови на зголемени глобални безбедносни предизвици, двајцата соговорници го истакнаа значењето на стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО како клучни фактори за стабилност и безбедност.
