„Лицето е стабилно и е надвор од животна опасност. Има изгореници, и сè уште се прават испитувања. Ќе му биде предложено да биде задржан на лекување“, вели директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“
Лицето што беше повредено при денешната експлозија во скопска Ќерамидница е надвор од животна опасност, вели Небојша Настов, директор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во изјава за „360 степени“.
„Лицето е стабилно и е надвор од животна опасност. Има изгореници, и сè уште се прават испитувања. Ќе му биде предложено да биде задржан на лекување“,
вели Настов.
Лицето е повредено денеска околу 9:20 часот кога во двор од куќа во скопската населба Ќерамидница беше фрлена експлозивна направа.
Дел од медиумите пренесуваат оти повредениот е Раде Трајковски-Штекли кој минатата година во период од два месеци беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт“.
Прашан околу идентитетот на повредениот, директорот Настов вели дека не би можел да го сподели иако кај нив е познато за кое лице станува збор.
Екипа на „360 степени“ беше на местото во Ќерамидница. Тесните улици во населбата се под окупација на полициски екипи и движењето во околината е ограничено.
Минувачите и жителите од околните куќи не сакаа да коментираат во врска со експлозијата.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска го потврдија случајот. Оттаму велат дека се врши увид и оти се преземаат мерки за расчистување на случајот.