Препораките дека од денеска ќе бидат блокирани неколку крстосници, но и ограничувањето на работното време за државната и јавната администрација, утрово ги испразнија скопските улици
Сообраќајот низ централното градско подрачје се одвиваше непречено, без редовниот метеж во сообраќајот, кој особено е присутен кога во Скопје има дожд
Просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од утрово е под контрола на припадниците на Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди безбедно пристигнување на сите учесници на најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од нејзиното осамостојување.
До Спортскиот центар ќе можат да дојдат само оние што имаат пропусници за влез, односно се акредитирани учесници на самитот на ОБСЕ, или, пак, се дел од медиумските екипи и од оние што се технички персонал за организација на овој настан.
Предвидено е високо ниво на безбедност, а од воздух и од земја безбедносните служби се подготвуваат за Министерскиот совет на ОБСЕ.
Препораките дека од денеска ќе бидат блокирани неколку крстосници, но и ограничувањето на работното време за државната и јавната администрација, утрово ги испразнија скопските улици.
Сообраќајот низ централното градско подрачје се одвиваше непречено, без редовниот метеж во сообраќајот, кој особено е присутен кога во Скопје има дожд.
На Советот на ОБСЕ, чиј домаќин е Северна Македонија, главниот град ќе пречека делегации од над 50 земји во светот, со околу 1 000 учесници.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека подготовките за овој настан траеле цела година, а во нив покрај МВР се вклучени и голем број други служби.
Според Министерот за надворешни работи Бујар Османи на организацијата на настан од вакви размери што ја има Северна Македонија како актуелен претседавач со ОБСЕ, се гледа како на можност за афирмација на државата и нејзините демократски и организациски капацитети.
Според соопштението на МВР, денеска и утре затворен за сообраќај ќе биде булеварот „Илинден“ од крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“ кај Владата сè до крстосницата со улица „Љубљанска“ кај ТЦ „Сити мол“.
Овие два дена сообраќај нема да е можен ниту по булеварот „8 Септември“ на потегот од крстосницата со улица „Скупи“ кај маркетот „Хубо“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“.
Една од главните точки на советот на министри на ОБСЕ ќе биде и изборот на следен претседавач за идната година, за што веќе на подготвителниот состанок и постојаниот совет на амбасадори 57 земји постигнаа согласност даја поддржат кандидатурата на Малта како иден претседавач.
Поради изменетиот режим на сообраќај, со изменет режим од вообичаениот ќе функционира и јавниот превоз во Скопје. В среда автобусите ќе возат вообичаено, согласно важечкиот зимски возен ред, а во четврток ќе сообраќаат по саботен возен ред.
Дел од линиите ќе се движат по изменети траси.
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.