Со два багера и денеска треба да продолжи уривањето на објектот пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.
До доцна во текот на вчерашниот ден тие работеа на терен и од она што може да се види е дека се срушени речиси половина од горната плоча на објектот и дел од бетонските столбови. На местото утрово има и сообраќајна полиција која веројатно, како и вчера, ќе ја затвори последната лента од булеварот што минува покрај „Мавровка“.

Рушењето на објектот започна вчера во утринските часови откако ден претходно владата одлучи да им препорача на Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.
Вчера и скопското Јавно обвинителство отвори истрага за бесправно градење.
Од друга страна, пак, сопственикот на објектот Мевљудин Алити излезе пред новинарите и тврдеше дека имал одобрение за обнова на локалот каде што беше сместено кафулето „Фонтана“, кое во мај изгоре во пожар.
