Составот на Советот, се вели во соопштението од Правда, е избран по претходни консултации со сите релевантни фактори и стручната јавност

Тринаесет членови ќе има новиот Совет за координирање на информатичко- комуникациската технологија во правосудните органи за чие основање министерот за правда Кренар Лога вчера донел одлука.
Советот за ИКТ, како што информираа денеска од кабинетот на Лога, има за цел дефинирање и имплементирање на политиките за информатичко-комунициска технологија во правосудство, како и следење, спроведување и ревизија на Стратегијата за ИКТ во правосудство.
За членови на Советот, информираат од Правда, се именувани Влатко Милошевски од Јавно обвинителство-Скопје, Даут Рустеми од Апелационен суд Гостивар, Иван Џолев од Основен Кривичен суд Скопје, Ислам Абази од ОЈОГОК, Сања Пандилов од Академија за судии и јавни обвинители, Сања Димовска од Министерство за правда. Во новиот Совет се и Анита Андоноска од Судски совет, Јелена Колева Догазанска од Совет на јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоскаод Вишо Јавно обвинителство Битола, Шпенд Девајакој е Врховен судија и член на Здружение на судии, Ѓорѓи Андонов кој е судија во Основен суд Штип и Наим Ферати од Министерството за информатичко општетство и администрација. За прв пат во советот, додаваат од Министерството за правда, има претставник од Блупринт групата за реформи во правосудството, Александра Цветаноска од Здружението на млади правници, информираат од кабинетот на министерот Лога од каде додаваат дека мандатот на членовите е две години.
Составот на Советот, се вели во соопштението, е избран по претходни консултации со сите релевантни фактори и стручната јавност. Тој ја следи имплементацијата на Стратегијата за ИКТ во правосудството и Акцискиот план, ги дефинира и имплементира мерките и активностите за дигиталзиација на правосудството, учествува во подготовка на закони, други правни акти и презема мерки од областа на примената на ИКТ во правосудните органи.
На почетокот на ноември, минатата година, министерот за правда Кренар Лога на прес-конференција информираше дека иницирал постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.
Лога тогаш соопшти дека го разрешува судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, судијата Лазар Нанев. Лога рече и оти до Судскиот совет доставил допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, кој е Лазар Нанев.
Од Министерството за правда информираа и дека преку Комисија за надзор на работата на судовите се вршело проверка во Основниот суд Кавадарци поради можни сомнежи за манипулација на работата на Информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети – АКМИС.
Лога, појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
По разрешувањето на судијата Лазар Нанев од Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи (ИКТ), од членство во Советот се повлекоа и членовите на Судскиот совет, судијата Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа кои рекоа дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно.