Средбата се одржа на маргините на Самитот за иднината на вештачката интелигенција, па во разговорот Фон дер Лајен ја нагласила и посветеноста на ЕУ за развивање на вештачката интелигенција во корист на сите, во услови на одржување отворен и конкурентен пазар
Соработката меѓу Европската Унија и САД во справувањето со заедничките предизвици беше главна тема на денешната средба во Париз меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Како што соопшти Европската комисија, на средбата Фон дер Лајен и Венс го потврдиле значењето на односите меѓу ЕУ и САД и нивната витална улога во денешниот геополитички пејзаж.

Средбата се одржа на маргините на Самитот за иднината на вештачката интелигенција, па во разговорот Фон дер Лајен ја нагласила и посветеноста на ЕУ за развивање на вештачката интелигенција во корист на сите, во услови на одржување отворен и конкурентен пазар.
„Претседателката фон дер Лајен ја потврди посветеноста на ЕУ кон фер трговски односи, додека двете страни ја изразија својата намера да ѝ дадат приоритет на економската соработка од заеднички интерес, вклучително и за енергијата“,
се додава во соопштението од средбата на која присуствуваше и високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Фон дер Лајен, исто така, ја истакнала посветеноста на ЕУ кон постигнување праведен и траен мир во Украина, притоа потенцирајќи ја потребата за продолжување на „единството во обезбедувањето непоколеблива поддршка“ за Киев.
Во објава на Икс по средбата, Фон дер Лајен му се заблагодари на Венс за „добрата дискусија“ за заеднички предизвици како сојузници.
„Од безбедност и стабилност, до големото ветување за технологијата и критичниот предизвик на непазарнaта прекумерност. Со нетрпение очекуваме да продолжиме со соработката со претседателот на САД. Се гледаме на Минхенската безбедносна конференција“,
наведе Фон дер Лајен.