Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска се очекува да пристигне во Скопје. Според најавите, таа попладне ќе се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, а за утре е најавена средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Тема на разговор, како што најави вицепремиерот Бојан Маричиќ, се очекува да биде во врска со потребните и неопходните реформи, како и за дополнителните средства што треба да ги добиеме како помош од ЕУ и мотивација за реформите.
Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.
„Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ“,
рече Маричиќ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, без да прецизира дали ќе се сретне со Фон дер Лајен, порача дека тој очекува пријатно изненадување, односно ЕК да излезе со позиција за безусловен старт на преговори за земјава.
„И дека без дополнителни условувања со коишто е соочена нашата држава ќе ги отпочнеме преговорите, иако сум свесен за многуте недостатоци коишто ги имаме на домашен план поради неработењето на корумпираната влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе се оддаде признание и на државата и на граѓаните. Ќе се оддаде признание и почит кон граѓаните и државата за сите понижувања и омаловажувања коишто се направени од промената на националното знаме, па сè до насилната промена на Уставот и уставното име. Нешто што ниту една држава која пристапуваше кон Европската Унија не го направи. Очекувам пријатно да нè изненади, иако малку ја почитува оваа држава и овој народ, тоа е најмалку што може да го направи“,
рече Мицкоски.
Фон дер Лајен од Скопје ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.