Си-би-си њуз објави дека САД и Израел разгледуваат можност за заеднички напади врз енергетската инфраструктура на Иран, вклучително и рафинерии за нафта и електрани
Доколку бидат реализирани, нападите би означиле прво директно вклучување на Израел во бомбардирањата од раните фази на воениот конфликт
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе извршат силни напади врз Иран, додека американските медиуми објавија дека Вашингтон разгледува можност за нова воена офанзива, која би можела да започне уште овој викенд.

„Ќе ги нападнеме многу силно и во одреден момент ќе речат: Не можеме повеќе да го издржиме тоа“,
изјави Трамп за време на состанокот на кабинетот во „Кемп Дејвид“.
Си-ен-ен, повикувајќи се на двајца американски функционери објави дека САД подготвуваат нов бран напади врз Иран што би можеле да започнат уште викендов, додека американскиот претседател Доналд Трамп бара начин да се стави крај на војната.
Сепак, конечната одлука сè уште не е донесена, а обемот на евентуалните напади и целите што би биле погодени остануваат неизвесни. Изворите предупредуваат дека операцијата сè уште може да биде откажана.
Според „Волстрит џурнал“, Трамп наредил подготовка на нова офанзива со цел да се изврши дополнителен притисок врз Техеран, а операцијата би можела да започне во текот на викендот.
Во меѓувреме, Пакистан, кој посредува во кризата, соопшти дека разговорите меѓу страните продолжуваат, иако, според медиумските извештаи, Трамп е сè понезадоволен од долготрајниот конфликт.
Си-би-си њуз објави дека САД и Израел разгледуваат можност за заеднички напади врз енергетската инфраструктура на Иран, вклучително и рафинерии за нафта и електрани.
Исто така, се наведува дека дел од советниците во Белата куќа изразиле резерви во врска со предложениот план за време на состанокот на кабинетот.
Доколку бидат реализирани, нападите би означиле прво директно вклучување на Израел во бомбардирањата од раните фази на воениот конфликт.
Американската војска пред два дена изврши серија напади врз цели во Иран, како одговор на обидот за ирански ракетен напад врз американските сили стационирани на Блискиот Исток.
Тоа се први директни американски напади врз Иран по неколкудневен прекин, кои следеа по предупредувањето на Трамп дека САД ќе одговорат на обидот за ирански ракетен напад врз американските сили на Блискиот Исток.
