Пред денешното гласање во Европарламентот, старо-новата шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека проширувањето на ЕУ ќе биде меѓу клучните приоритети во нејзиниот иден мандат доколку биде избрана
Шефицата на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска беше реизбрана на чело на ЕК за уште еден петгодишен мандат. Нејзиниот реизбор на чело на Европската комисија го поддржаа 401 европратеник од вкупно 707 присутни во салата на Европарламентот. „Против“ гласаа 284 европратеници, а 15 беа „воздржани“.
За реизбор на актуелната шефица на Европската комисија беа потребни 361 глас.

Гласањето за изборот на Фон дер Лајен беше првата важна задача на новиот состав на Европскиот парламент, кој беше конституиран пред два дена, на 16 јули.
Фон дер Лајен, која доаѓа од редовите на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), членка на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), беше номинирана за претседателка на ЕК од страна на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ на самитот одржан на 27 јуни во Брисел.
Пред денешното гласање во Европарламентот, старо-новата шефица на Европската комисија порача дека проширувањето на ЕУ ќе биде меѓу клучните приоритети во нејзиниот иден мандат.