На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести, министерот за здравство Венко Филипче ќе предложи да се воведе задолжителен ПЦР тест при влез на земјава и за патниците кои транзитираат низ неа.
Ова Филипче го потврдил за Телма. Најавата за ваквата измена доаѓа откако вчера на аеродромот во Турку, Финска слетал авион кој полетал од Скопје, а меѓу 157-те патници имало и 24 патници позитивни на коронавирусот. Тие биле тестирани доброволно, по што се потврдило дека се позитивни на ковид-19.
Засега, потребен е негативен ПЦР тест не постар од 72 часа за државјаните на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на земјата, но тестот не е потребен доколку тие транзитираат или летаат преку скопскиот или охридскиот аеродром. На влез во земјава тие треба да приложат авионски карти и да потпишат изјава за транзит во која се вели дека ќе ја напуштат државата за три часа.
На летот Скопје-Турку, вкупно биле 95 патници од Косово, 60 од Финска и само двајца македонски државјани.