Од вечерва во 21 часот во Куманово започна полициски час кој ќе трае до понеделник до 5 часот, а од понеделник до петок полицискиот час наместо од 21 часот, во овој град ќе започнува од 16 часот. Овие мерки доаѓаат по зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за „360 Степени“ ја коментираше и опцијата за ставање на градот под целосен карантин по примерот на Дебар.
„Сите варијанти, сите опции се отворени. Но, токму тоа сакам да го објаснам. Има многу карактеристики секој регион во рамките на еден град и во рамките на мерките коишто треба да се спроведат, во производствените капацитети, на пример, не се исти во Куманово и во Дебар, понатаму во маркетите, банките, гужвата којашто се ствара согласно густината, бројката на население, не е исто… така да, овие мерки коишто се сега на сила, со ограничување на движењето, со разделување на ризичните групи, со прекинувањето на градскиот, но и меѓуградскиот превоз со сите други градови. Верувам дека сега во овој момент станува збор за дијагностицирање на случаи коишто веќе биле во комуникација како примарни контакти со изворите на заразата и затоа продолжуваме да ја следиме ситуацијата во периодот којшто е пред нас“,
рече Филипче.