Процентот на новодијагностицирани од вкупниот број тестови и на хоспитализирани од вкупниот број новодијагностицирани, како што рече министерот, и натаму е приближно ист
Трендовите на новодијагностицирани и хоспитализирани пациенти со ковид-19 сѐ уште се приближно исти, но не очекуваме поголем наплив во болниците, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на Здравствениот дом во Свети Николе по појавата на поголем број новозаболени во оваа општина.
Процентот на новодијагностицирани од вкупниот број тестови и на хоспитализирани од вкупниот број новодијагностицирани, како што рече, и натаму е приближно ист. Капацитетот во болниците, според министерот, се менаџира добро и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети. Филипче, исто така, оцени дека не очекува некакво изненадување во смисла на поголем наплив на пациенти за прием во болница.
„Во таа смисла, продолжува со ист интензитет работата на епидемиолозите на терен. Интензивно тестирање согласно индикацијата, интензивно следење на контактите и нивно ставање во изолација“,
нагласи Филипче.
Тој соопшти дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести ги анализирале податоците од претходните две недели и, како што рече, минатата недела има нешто поголем број на дијагностицирани со ковид, но не поголем од претходните три недели.
„Во ГОБ ‘8 Септември’ повеќе денови по ред има помалку од 100 пациенти што се третираат. Има слободни кревети и на Инфективната клиника и на инфективните одделенија во општите болници општи ширум државата“,
посочи Филипче.