По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација, објави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вели дека на состанокот ги почитувал сите протоколи за заштита и носел заштитна опрема, исто како и останатите присутни.
Според Филипче, ваква ситуација била земена предвид и се подготвувале за вакво сценарио.
„Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување, останувам во изолација. Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Како и досега, посочува тој, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе се одржуваат преку достапните онлајн-платформи за оваа намена.
*Поврзани вести:
Влада: Спасовски, Филипче, Османи и Адеми одат во самоизолација
(ФОТО) Спасовски, Филипче и Османи не дојдоа на седницата на Советот за безбедност