Авионот којшто доаѓал од Брисел и слетал на скопскиот аеродром, носи наши државјани коишто имаат симптоми на грип, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција.
„Во овој момент се прави скрининг на сите патници. Тие што имаат симптоми ќе бидат однесени на Инфективната клиника да се тестираат и додека не стигнат резултатите, сите останати патници ќе чекаат на аеродром. Потоа, во текот на вечерта ќе одлучиме што точно ќе преземеме“,
рече Филипче.
Тој информираше и за петте нови случаи позитивни на коронавирус чии резултати стигнале попладнево. Станува збор за сопругата на еден од пациентите за кого претходно беше потврдено дека е позитивен на вирусот, а останатите четворица се медицинскиот персонал од приватната амбуланта за педијатрија од Дебар.
Филипче најави дека ќе се прават скрининзи и во струшкиот регион, бидејќи пред да биде воведена кризната состојба во Дебар, дел од населението од струшките околни села имале интензивни контакти со луѓе од Дебар и Центар Жупа.
Тој повтори дека за да може некој да се тестира, мора да има или симптоми или веќе да е поминат периодот на инкубација од 14 дена.
„Тестови имаме доволно, но за да ги тестираме луѓето треба да имаат симптоми, а доколку немаат треба да е поминат периодот од 14 дена карантин или самоизолација. Во спротивно тестот може да биде лажно негативен. Затоа, апелираме до сите да се почитуваат мерките за самоизолација“,
додаде министерот.
Во моментов во земјава има 31 потврден случај со коронавирус.