Се чувствуваме добро, ние сме медицински лица и присебно се справуваме со ситуацијата. Денеска ги добивме резултатите дека сме позитивни на коронавирусот и од утре амбулантата ќе биде во карантин две недели, вели доктор Арбен Аголи за „360 Степени“, педијатар од Дебар, кој е еден од петте медицински лица позитивни на коронавирусот.
Неговата амбуланта работи под концесија во објектот на дебарската болница.
„Во амбулантата сме двајца педијатри и три медицински сестри, сите петмина сме позитивни на коронавирусот. Но, се чувствуваме добро. Денеска веројатно ќе останеме дома, а од утре ќе одлучат епидемиолозите како ќе продолжи лекувањето“,
вели Аголи.
Денеска ги добиле резултатите за четворица од амбулантата, а како што вели Аголи, еден од нивните колеги веќе бил дијагностиран уште минатата недела.
Тој упатува апел до сите граѓани да се придржуваат до препораките на Владата, министерството за здравство и апелите кои ги испраќаат медицинските лица.
„Ситуацијата станува непријатна, бидејќи сега низ Дебар се појавија случаи на различни делови од градот. Граѓаните да останат дома, да одржуваат хигиена и да ги следат препораките“,
порачува Аголи.
Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека од 10 пациенти тестирани на коронавирус попладнево, за 5 резултатите се позитивни.
„Позитивна е сопругата на веќе дијагностицираниот пациент од Скопје и 4 здравствени работници – двајца доктори и две медицински сестри од Дебар. Со ова, бројката на заболени со коронавирус во земјата се искачи на 31“,
соопшти Филипче.
Четворицата здравствени работници кои се позитивни на коронавирусот доаѓаат од приватна здравствена матична установа, потврди министерот за здравство, Венко Филипче, на вечерашната прес-конференција.
„Дел од нив се носители на вирусот, позитивни, веројатно ќе ја развијат болеста и беа скринирани како резултат на поширокиот скрининг којшто денеска започна да се прави во овој регион. Овие матични лекари, сепак, вршеле сериозна работа давале здравствени услуги на пациенти, па поради тоа, од утре во болницата во Дебар ќе испратиме дополнителни доктори од Клиниката на пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници“,
рече Филипче.