„Се поставува прашањето зошто го одбија законот? Затоа што пола влада требаше веднаш да си замине. Може целата влада да биде составена од луѓе кои во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот – тоа не може. Какво лицемерие и какво лажење на сопствените граѓани“, рече лидерот на СДСМ
Граѓаните добија уште едно јавно и многу јасно признание од организираната криминална група на Христијан и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е дека во Владата врие од луѓе со бугарски пасоши. Ова се дел од обвинувањата што денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, ги упати до премиерот Мицкоски и до владејачката партија.

Според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ е единица мерка за лажење и лицемерие бидејќи, како што рече, може цела влада со бугарски државјани, ама не може малцинства во Уставот.
Прес-конференцијата и реакцијата од Филипче доаѓаат откако вчера беше одбиен предлог-законот на СДСМ, со кој се предвидуваше носителите на високи државни функции да не смеат да поседуваат двојни државјанства.
Според Филипче, одбивањето на овој закон е јасно признание дека во актуелниот владин кабинет има голем број функционери со бугарски пасоши.
„Се поставува прашањето зошто го одбија законот? Затоа што пола влада требаше веднаш да си замине. Може целата влада да биде составена од луѓе кои во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот – тоа не може. Какво лицемерие и какво лажење на сопствените граѓани“,
рече Филипче.
Лидерот на социјалдемократите потенцира дека власта почнала да признава сè против што се борела додека била во опозиција.
„Прво го признаа Преспанскиот договор како ремек-дело на дипломатијата. Потоа признаа дека со Преспанскиот договор се заштитени националниот идентитет, јазикот и културата. Понатаму признаа дека благодарение на НАТО нашата безбедност е гарантирана и тоа придонесува за подобра бизнис-клима. И сега дојде време за уште едно признание, дека Мицкоски има влада полна со луѓе со бугарски пасоши и бугарски државјанства“,
додаде Филипче.
Тој обвини дека додека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ си обезбедиле европска иднина за себе и за своите семејства преку странски документи, земјата намерно ја држат во изолација и конфликт со соседите.
„Ова не се политичари кои се грижат за државата, туку политички туристи со европски пасоши кои функциите ги користат за лично богатење“,
додаде тој.
Тој повтори дека малцинства во Уставот треба да се случат час поскоро и побара „реформи сега и Европа сега“, нагласувајќи дека е доста од лаги и лицемерие.
„Еве претседателката Сиљановска убаво кажа, објасни жената, зошто е добар Преспанскиот договор. Притоа несвесно призна дека свесно лажела. Ете тоа направи Гордана Сиљановска, со цитирање членови, со преамбули на Европа. Кој е тој степен на лицемерие? Такви луѓе немаат право морално ниту политички да ја водат државата, затоа што не ја водат како што треба. Затоа што не ги интересира ништо освен нивниот сопствен интерес. Тие луѓе не сакаат единство, не сакаат реформи. Реформите се викаат уставни измени. Тоа е чекор напред“,
рече Филипче.
Филипче повтори и дека има надворешни влијанија врз македонската влада, тврдејќи дека премиерот Христијан Мицкоски е под директна контрола на центри на моќ од Будимпешта и Белград.
Според Филипче, во земјата е инсталиран систем кој е „копи-пејст“ на моделите на владеење на Виктор Орбан и Александар Вучиќ, со цел лично богатење на поединци додека државата се држи во изолација.
Филипче истакна дека финансиското, политичкото и медиумското влијание што доаѓа од унгарскиот и српскиот претседател има за цел да создава вештачки кризи и поделби меѓу македонските граѓани.
„Христијан е контролиран и од Вучиќ и од Орбан. Пропагандата која ја водат нивните медиуми има манир на Гебелсова пропаганда. Тоа е систем за ширење говор на омраза и создавање вештачки непријатели“,
рече Филипче додавајќи дека овие „краци“ наскоро ќе бидат демонтирани и кај нас, како што тоа го прави и новиот унгарски премиер Петер Маѓар.
Лидерот на опозицијата се осврна и на улогата на помалите партии во коалицијата на власт и во Собранието, нарекувајќи ги инструменти на ВМРО-ДПМНЕ за раздор во опозицискиот блок.
Филипче ја оквалификува партијата Левица како „приврзок на ВМРО“ кој работи против стратешките интереси (ЕУ и НАТО), иако мнозинството граѓани ги поддржуваат тие процеси.
„Левица ги слушам, тие ќе биле лидер на нешто. Не можат да водат никаков фронт за правда и одговорност, затоа што тоа е партија контролирана од ВМРО. Тоа е привезок на ВМРО, и сега ја зема улогата на ЗНАМ“,
потенцира Филипче.
Според него, партијата ЗНАМ веќе „пропаднала“ откако нејзините гласачи сфатиле дека служат само за бизнис-интересите на Максим Димитриевски и за заштита на Никола Груевски преку министерот за правда.
