„Тоа е игра на теренот на државата и на граѓаните. Нема друг пат оваа држава освен европскиот“, рече лидерот на СДСМ коментирајќи зошто инсистира на темата за уставните измени и дали тоа не е игра на теренот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека единствената иднина на државата лежи во европската интеграција и ја обвини актуелната власт дека со години води „црна пропагандна кампања“ против договорите со Грција и Бугарија и против уставните измени.
„Тоа е игра на теренот на државата и на граѓаните. Нема друг пат оваа држава освен европскиот“, рече Филипче, коментирајќи зошто СДСМ инсистира на темата за уставните измени и дали тоа не е игра на теренот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оцени дека власта, додека била во опозиција, „сите стратешки добри политики за државата ги претставувала како предавнички“ и дека сега „таа пропаганда постепено се распаѓа“.
Осврнувајќи се на изјавите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за Преспанскиот договор, Филипче рече дека таа „сега практично признава дека идентитетот не е загрозен“.
„Значи, не е загрозен народот, културата, историјата. И кој е тој државен функционер, највисок, кој има двојни аршини за пред странците и за пред домашната јавност“,
рече лидерот на СДСМ.
Филипче тврди дека внесувањето на Бугарите во Уставот не претставува закана за македонскиот идентитет, туку напротив.
„Не само што нема да го загрози, ќе го засили нашиот идентитет. Конечно се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и што има бугарско во Македонија – малцинство“,
изјави тој.
Според него, уставните измени се предуслов за економски и институционален напредок на државата.
„Ставањето на малцинствата во Уставот е влегување во процес којшто на Македонија ќе ѝ донесе пари за инфраструктура, за плати, за патишта, пруги, болници, градинки и училишта“, рече Филипче.
Тој нагласи дека македонскиот јазик веќе е признаен во европската Преговарачка рамка и во договорот за Фронтекс.
„Во 2022 година, кога бугарскиот парламент гласа за нашата Преговарачка рамка, таму конечно пишува дека нашиот јазик е признаен како македонски јазик. Чист македонски јазик“,
рече Филипче.
На забелешките дека Бугарија и понатаму може да ја блокира земјава на европскиот пат, тој одговори дека такви ризици постојат во секој преговарачки процес.
„Италија ја блокираше Словенија, Словенија ја блокираше Хрватска. Тоа се меѓусоседски односи коишто се решаваат“, рече Филипче додавајќи дека Македонија не смее „да седи во место“ поради страв од евентуални нови блокади.

Во интервјуто, Филипче одговори и на нападите од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го обвинуваат дека е „пион на Радев“.
„Ако ги прашате ВМРО, јас сум и убиец на деца, имам зграда во Дубаи… што сè не измисли црната кампања на Мицкоски и на Латас за мене“, рече тој.
Притоа, ги обвини владејачката партија и медиуми блиски до неа дека шират пропаганда по „Гебелсови принципи“.
„Фрли ја лагата илјада пати и луѓето веќе не знаат што е вистина, што е лага“, изјави Филипче.
