„Дали граѓаните чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали тоа го чувствуваат кога ќе влезат во продавница? Дали чувствуваат кога ќе ги плаќаат сметките за струја и гориво? Дали фрижидерите дома чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали се зголемени паричниците или се намалени? Има ли повеќе пари кај граѓаните и кај семејствата? Дали живеат подобро? Одговорот е не. Одговорот е дека граѓаните живеат многу полошо од пред две години, кога на власт дојде Христијан Мицкоски и оваа тендер-коалиција“, рече лидерот на опозицискиот СДСМ на денешната прес-конференција
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, денеска ја критикуваше економската политика на Владата оценувајќи дека животниот стандард на граѓаните континуирано се влошува, додека премиерот Христијан Мицкоски, како што рече, раскажува бајки за економскиот напредок.

На прес-конференција, Филипче постави низа прашања доведувајќи ја во прашање изјавата на Мицкоски дека земјата е трета економија во Европа.
„Дали граѓаните чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали тоа го чувствуваат кога ќе влезат во продавница? Дали чувствуваат кога ќе ги плаќаат сметките за струја и за гориво? Дали фрижидерите дома чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали се зголемени паричниците или се намалени? Има ли повеќе пари кај граѓаните и кај семејствата? Дали живеат подобро? Одговорот е не. Одговорот е дека граѓаните живеат многу полошо од пред две години, кога на власт дојде Христијан Мицкоски и оваа тендер-коалиција“,
рече тој.
Според него, цените на основните прехранбени производи бележат постојан раст, при што дел од нив се зголемени и до 300 проценти.
„Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден. Цените на основните производи се зголемени, лебот, брашното, шеќер, сол, месо, млечни производи, овошје, зеленчук, сѐ е поскапено, од пет до триста проценти за некои продукти“,
вели лидерот на СДСМ.
Како дополнителен проблем ги посочи ниските плати, растечкиот буџетски дефицит и доцнењето на повратот на ДДВ кон компаниите, што, според него, создава несигурност во бизнис-секторот.
Филипче тврди дека странските инвестиции се намалени за 60 отсто, додека во изминатиот период се отпуштени околу 1 500 работници. Економијата, како што рече, се соочува со сериозни предизвици, а граѓаните ги чувствуваат последиците преку намален животен стандард и зголемени трошоци за живот.
„Странските инвестиции се намалени за 60 отсто, компаниите затвораат и отпуштаат работници, само во изминатата година и пол се отпуштени 1 500 работници. Буџетскиот дефицит расте, а државата должи 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите. Компаниите не можат да ги планираат своите средства, а се доцни со исплата на плати“,
истакна на денешната прес-конференција.
Во контекст на глобалните економски текови, тој предупреди дека Европа се подготвува за нови ценовни шокови, раст на инфлацијата и ризик од рецесија, додека, како што рече, Владата не презема соодветни мерки.
„И додека цела Европа, во мај, значи допрва, очекува уште посилен удар од оваа криза и носат мерки за да се справат со тоа што не очекува, а тоа е и понатаму забавување на растот и раст на инфлацијата и ризик од рецесија, Мицкоски живее во својот паралелен свет на бајки. Едноставно, нема капацитет да води држава, заинтересиран е само за себе и своите блиски луѓе, а сè останато го плаќаат граѓаните“,
кажа тој.
Тој заклучи дека економската состојба бара итни и конкретни политики за ублажување на кризата и подобрување на стандардот на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека според последните анализи на европско ниво, според ММФ, во Европа сме меѓу првите три држави кои промениле најмногу работи и примениле најмногу мерки за справување со ценовните шокови.
Според него, се потврдило дека обвинувањата на опозицијата се неточни дека земјава неподготвена ја дочекала енергетската криза.
Во контекст на мерките, рече дека очекува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денари по литар.
