Вкупно 210 вработени во болницата во Куманово денеска се тестирани со серолошки тестови, односно дали некој од нив е суспектен на ковид-19. Резултатите од тестовите не покажале индиции дека некој од тестираните може да е болен, суспектен или несвесно да ја пренесува болеста, информираше министерот за здравство, Венко Филипче, по денешната посета во Куманово, заедно со со премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование и наука Арбер Адеми.
„Куманово е град со специфична епидемиолошка ситуација со голем број на новодијагностицирани пациенти во ковид-19 во последните неколку дена. Но, во исто време е и град во којшто се тестираат голем број на пациенти кои во еден период биле во самоизолација поради докажан контакт со веќе заболени. Вработените во болницата се на висина на задачата. За жал, има одреден процент и од здравствените работници кои се заболени, но тие се наоѓаат во стабилна здравствена состојба“,
рече Филипче.
Тој додаде дека се разговарало и за распоредот на докторите и медицинските сестри на Инфективното одделение и дека во болницата има доволна количина на заштитна опрема.
Премиерот Оливр Спасовски, при денешната посета во Куманово, информираше дека оствариле брифинзи за актуелната состојба и со директорите на Здравствниот дом и Центарот за јавно здравје.
„Од сите тестови направени во земјава најголемиот број отпаѓаат на оваа општина. Со континуираната активност којашто ја прават лекарите и медицинскиот персонал, како и матичните лекари и епидемиолозите, ќе застанеме на патот на ширењето на коронавирусот“,
рече Спасовски.
Директорката на општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева вели дека факт дека во Куманово има голем број на заболени, но таа потсетува дека тоа град во кој има над 110 илјади жители.
„Нашите капацитети се такви какви што се. Не можеме да примаме тешко болни пациенти, туку само средно и лесно болни. Меѓутоа, еве подготвени сме и за поголем наплив доколку се случи да се зголеми бројката на заболени. Ние, за жал сме болница во која има многу работени, а има персонал кој е позитивен на ковид-19 и морам да изразам благодарност за помошта во реорганизацијата и работењето со редуциран персонал“,
рече Захариева.
Таа додаде дека подготвени се да ги опслужат граѓаните и нивните потреби на сите оддели во болницата.