Очекува обвинителството да го расчисти овој случај и истовремено да се утврди во која постапка и на кој начин, со кои документи Бојан Христовски е избран и за асистент на Факултетот за безбедност
Сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ нема да дозволи повторно да се воспостави системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури. Ова на денешната прес-конференција го изјави Венко Филипче, лидерот на опозициската СДСМ, коментирајќи го случајот со вчерашното неодржување на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), на која новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, требаше да се соочи со прашањата и дилемите што се отворија во јавноста поврзани со неговото назначување.
„Вчерашниот обид да се започне состанокот на собраниска Комисија за надзор на тајните служби има две димензии. Првата е дека очигледно е ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека направиле криминал, односно незаконски поставиле директор на АНБ и затоа така се однесуваа во текот на вчерашниот ден. Ако немаа што да скријат, Комисијата можеше редовно да заседава, а директорот да одговори на сите прашања. Но, тоа не е ништо ново. Политизација на безбедносните и полициски структури е нешто што е познато во претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече тој.
Очекува обвинителството да го расчисти овој случај и истовремено да се утврди во која постапка и на кој начин, со кои документи Бојан Христовски е избран и за асистент на Факултетот за безбедност.
На прашањето да даде коментар за случајот по седницата на Комисијата, кога имаше обид за спречување на новинар во извршување на задачите од страна на пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче рече дека им дава поддршка на новинарите да се борат за своите права и слободи, како и дека во секое време можат да сметаат на нивната поддршка.
„Ова се сериозни најави за обид за елиминирање на слободата на изразување на говор, на јавен настап, на слободен пристап до информации, а во следниот период и многу поагресивен систем на елиминирање на слободата на изразување на новинарите, согласно она искуство од претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во би рекол најцрните години за Македонија, а тоа беше до 2016 година. На премиерот и на ВМРО-ДПМНЕ им порачувам, еднаш тој систем го решивме, ќе го решиме и по вторпат“,
вели лидерот на СДСМ.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера го осуди непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска ја попречувал новинарката од онлајн медиумот „Сакам да кажам“ додека ја вршела својата професионална работа во Собранието.