Од ЗНМ упатуваат повик до сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска ја попречувал новинарката од онлајн медиумот „СакамДаКажам.мк“, Соња Делевска, додека ја вршела својата професионална работа во Собранието.
Од ЗНМ денеска ја изразија и својата загриженост и ja осудија секоја форма на непримерна комуникација или јавен притисок кон новинарот Срѓан Стојанчов од ТВ Телма, кој известувал за процесот на избор на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Новинарката Делевска, како што известува во дописот до ЗНМ, ја извршувала својата професионална должност и поставувала легитимни прашања до директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Додека Христовски одговарал на прашањата на Делевска, во врска со неговиот сертификат за англиски јазик, пратеникот Ковачки ѝ се обратил со зборовите „исклучи го микрофончето, снимаш“, и воедно покажувал на нејзиниот телефон. Делевска го понудила својот телефон на пратеникот, по што тој одбил да го земе и го повикал Христовски да си замине.
Од ЗНМ упатуваат повик до сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети.
Здружението на новинарите на Македонија потсетува дека слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања се основни принципи на демократското општество.
„Секој обид за попречување, заплашување или дискредитација на новинарите претставува директен напад врз слободата на изразување и транспарентноста на институциите“,
велат од ЗНМ.
За новинарот Срѓан Стојанчов од ТВ Телма, од ЗНМ велат дека непримерната и групна комуникација следела по објавата на текстот „Втор обид за функција за Верзиволи и актуелна локална советничка кандидат за Советот на ААВМУ“ на веб-страницата на ТВ Телма, каде профил именуван како Фаик Демири на крајно навредлив и непримерен јазик изразувал незадоволство за третираната тема.
„Колегата Стојанчов денеска го извести ЗНМ дека на социјалните мрежи добил навредливи и крајно омаловажувачки коментари од страна на блиски роднини на потенцијалните кандидати за јавни функционери кои претендираат да бидат членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, главно тело за регулација на медиумите во земјава“,
велат од ЗНМ.
Новинарите, додаваат од ЗНМ, имаат право и должност да известуваат за прашања од јавен интерес, особено кога тие се поврзани со именување на јавни функционери или одлуки кои влијаат на јавноста и медиумското опкружување во земјата.
„Нивната работа треба да биде заштитена од притисоци и закани кои можат да влијаат на слободата на изразување и демократското функционирање на институциите. ЗНМ останува посветено на заштита на новинарите и слободата на медиумите и ќе продолжи да ги следи сите обиди за притисоци или манипулации насочени кон новинарите“,
се додава во реакцијата од ЗНМ.