Капацитетите за чистење снег, рече Ангелов, воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на тие со кои располагаат другите во регионот

Оваа зима надлежните институции нема да бидат изненадени, државата е подготвена за претстојната сезона и за врнежите од снег, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Изјавата на Ангелов доаѓа по денешниот координативен состанок со претставници на институциите што се вклучени во зимското одржување на патиштата.
„Оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени, бидејќи од она што можевме да го слушнеме од оваа средба капацитетите на јавните претпријатија за државни патишта и за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се целосно подготвени. Бројот на камиони е доволен за територијата на државата, како и должината на патишта што ги имаме. Истовремено разговаравме во случај на потреба од стопирање на сообраќајот на некои критични точки, особено пред превоите во случај на снег, МВР да испрати засилени екипи“,
рече Ангелов.
Тој додаде дека капацитетите за чистење снег воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на тие со кои располагаат останатите во регионот.
Тој упати апел до граѓаните при патување да користат зимска опрема, зимски гуми и да имаат синџири за снег.
„Но, најдобрата препорака е доколку немаат неопходна потреба, а при тоа редовно да ги следат прогнозите на УХМР, кои се исклучително прецизни, да не излегуваат непотребно на патишта каде што има превои, односно места низ кои минуваат патишта од над 1 000 метри надморска височина“,
истакна Ангелов.
Ангелов спомена и дел од опремата со која располагаат институциите. Дирекцијата за заштита и спасување имала на располагање два тима со АТВ-возила со гасеници, кои се оспособени со опрема да стигнат до тешко пристапни терени, доколку е потребно да се даде помош на загрозен граѓанин.
Две такви возила, рече Ангелов, имаат и Црвен крст, односно нивната спасителна служба во Охрид.
„Без разлика на тоа што нашите институции се подготвени и камионите за чистење на снег веднаш ќе излезат на терен, при тоа имаат обезбедено и доволна количина сол, која ќе ја фрлаат на снегот и местата каде ќе има опасност од мрзнење на коловозните ленти, сепак тие не можат да исчистат колку што снег може да падне. Додека напред го чистат снегот, зад нив врне нов и нов снег, кој дополнително може да ја загрози безбедноста на граѓаните“,
рече Ангелов.
Тој потсети и на телефонскиот број 112 на кој граѓаните може да се јават доколку останат некаде заглавени и да побараат помош, а ЦУК потоа ќе ги контактира надлежните служби.