На работната вечера со Ердоган, како што соопштија претходно од Владата, било истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага С Македонија и во борбата против пандемијата
Турција ќе ѝ донира на нашата земја 30 илјади вакцини на „Синовак“. Ова го соопштил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на работната вечера со македонската владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, како што објави вечерва министерот за здравство Венко Филипче, кој, исто така, беше во Истанбул.
„Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ни соопшти дека ни донираат 30 000 вакцини од производителот ‘Синовак’. Овој гест на солидарност е уште еден показател за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји. Голема благодарност до турскиот народ и претседателот Ердоган“,
напиша Филипче на Фејсбук.
На средбата во Истанбул, како што соопштија претходно од Владата, било истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија и во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.