Протоколот за лекување со крвна плазма е направен, но сепак тоа е тип на терапија која не може секому да помогне, особено имајќи ја предвид непредвидливоста на болеста во потешките случаи, рече министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали секој што се излекувал од коронавирус може да дарува крвна плазма за лекување или има одредени правила.
„Крвна плазма заради антитела не може да даде кој било, треба да е во соодветна фаза, тие се пациенти кои се ковалесцентни, затоа што т.н. рековалесценти се целосно излекувани и тука нема ефект. Тоа не е тип на терапија која може да помогне секаде, тешката форма на болеста е навистина тешка и ги напаѓа сите системи. Има индикација кога точно се дава оваа терапија“,
рече Филипче.
Во врска со учеството на земјава во програмата на СЗО Солидарност за најефикасен третман во лекувањето на заболени од ковид-19, нагласи дека ние сме примени во студијата и сега сме во подготвителна фаза на размена на документација.
„Ние сме примени во студијата и сега сме во подготвителна фаза на размена на документација и треба да се види која од четири тераписки опции е практично со најдобар ефект. Предност е кога една држава е дел од некоја студија веднаш се стигнува до терапевтските протоколи и не е проблем количината на лекови“,
рече Филипче.
Во врска со можноста да се промени формата на тестирањето, Филипче рече дека во моментов земајќи ја предвид епидемилошката слика и целокупната состојба во земјата, потребно е спроведување на стратегијата која подразбира дијагностика само на пациенти кои имаат симптоми и изолација на нивните контакти.
Во некој подоцен момент можеби ќе мора да се прави скрининг на имунитетот на населението, но, како што рече министерот, не во овој момент.