Неделните статистики на Министерството за здравство укажуваат на тоа дека p0 факторот на преносливост на ковид-19 се намалува, но мора да бидеме внимателни бидејќи можни се изненадувања, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на форумот „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“.
„Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ова ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, затоа што очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, пратиме како ќе биде овој период пред нас“,
рече Филипче.
Пред неколку дена министерот посочи дека p0 факторот на преносливост на вирусот е под 1, односно 0,95, но повтори дека ова не смее да ги опушти граѓаните и да доведе до влошување на ситуацијата.
Во своето обраќање на форумот, Филипче потенцира дека не може да има еден идентичен протокол за лекување од оваа болест и дека секој пациент прво треба да го следи матичниот лекар, па да се лекува понатаму според клиничката слика.
„Имаме некои најави дека има некои специфични лекови, тоа се оние специфични моноклонални антитела кои директно помагаат за оваа болест. Ни се понуди и аплициравме, ЕУ ни понуди да бидеме дел од заедничката набавка тогаш кога ќе биде на располагање. Така да влеговме во тој систем, доколку тој лек се потврди за да биде конкретно наменет“,
вели Филипче
За зголемување на капацитетите за тестирање, министерот најави дополнителна дистрибуција на брзи тестови.