Премиерот Заев, соопштувајќи ја мерката наречена „Празнувај одговорно“, призна дека таа не е популарна, но истакна дека изборот е меѓу поединечен и краткотраен интерес и конечен излез од пандемијата без последици по здравјето и животот
„Празнувај одговорно“ е пораката што денеска ја упати премиерот Зоран Заев објавувајќи дека Владата ги прифатила препораките од Комисијата за заразни болести, за нов пакет рестрикции за време на празниците.
Од 18 декември до 20 јануари на полноќ угостителските објекти ќе работат до 18 часот, наместо како досега до 21 часот, е прва од мерките во овој пакет, со која, како што рече Заев, треба здравјето и одговорноста да се стават пред задоволството и профитот. Ова е проследено и со забрана за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на фирмите, како и прослави на плоштадите.
„Се наоѓаме пред нов предизвик во битката со пандемијата. Соочени со изборот да продолжиме со рестриктивните мерки, кога вакцината е пред испорака или да влеземе во ризик на неодговорно празнување, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести кои се со цел да се избегне зголемувањето на бројот на заразени“,
рече Заев на прес-конференцијата во Владата, со министерот за здравство Венко Филипче.
За угостителските објекти ќе важи забраната за работа после 18 часот, а препораки за избегнување на празнувања се испратени и до верските заедници да не повикуваат на масовни собирања. Хотелите ќе работат по протоколите како и до сега, а рестораните ќе треба да ги затворат во 21 часот со цел да може да се организира вечера.
Забраните за собири на јавни места остануваат на сила.
Министерот за здравство Венко Филипче, зборувајќи за пакетот мерки, посочи дека дел од него се и препораки да нема собири во домовите и во викендиците.
И министерот и премиерот посочија дека во домовите не може да се наметне забрана туку само препорака затоа што интегритетот на домот е загарантиран со Устав.
Но, апелираа за одговорност на сите.
„Целта е да издржиме сите уште малку и да не дозволиме поради празнувањата до дојде до ескалација на ситуацијата. Апелирам оваа година да празнуваме одговорно, ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме и секој е повикан да биде одговорен за да не предизвикаме нов бран епидемија, кога сме на чекор од масовна вакцинација по што очекуваме целиот свет да се врати во нормален тек“,
порача Заев.
Премиерот им порача на функционерите дека тие треба да бидат пример за граѓаните, а за себе рече дека ќе ги помине празниците дома со сопругата и двете деца.
Заев признава дека мерките не се популарни, но истакна дека изборот е меѓу поединечен и краткотраен интерес и конечен излез од пандемијата без последици по здравјето и животот.