Како и многумина граѓани, и јас ќе се вакцинирам, затоа што сакам со свој личен пример да дадам придонес во борбата за сузбивање на пандемијата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне нивото на имунитет. Граѓаните да бидат спокојни, државата нема да штеди за оваа намена“,
рече Заев објаснувајќи дека веќе е уплатен авансот за набавка на првите 833 000 дози вакцини, преку системот Ковакс.
Веднаш кога ќе пристигне вакцината, први ќе се вакцинираат лекарите и медицинскиот персонал и сите што се на првата линија во справување со пандемијата, потоа хронично болните и повозрасните, вработените во градинките…
Првите вакцини, околу 800 000 дози со кои ќе се вакцинираат 400 000 граѓани, се очекува да пристигнат во март. Тие ќе бидат набавени преку механизмот Ковакс каде што во помошта на склучување договори и транспорт ќе се вклучи и УНИЦЕФ.
Механизмот Ковакс, рече министерот Венко Филипче, е едно од трите полиња на кои се активни властите во набавката на вакцината. Друг начин е да ги добиеме преку земјите членки на ЕУ, кои имаат право да одделат дел од своите вакцини за други земји.
„Во петокот разговаравме со грчкиот колега, министерот за здравство, кој ни укажа на тоа дека по разговорот со премиерот Мицотакис нашата земја може да смета на дел од првата вакцина што ќе пристигне во Грција“,
рече Филипче, кој потоа додаде дека и овие вакцини се очекуваат негде околу март.
Заев, зборувајќи на оваа тема, посочи дека за помош се понудиле и Бугарија и Полска.
Третиот механизам, рече Филипче, е преку понудата на канцеларијата на ЕУ во нашата земја, како и директните преговори со компаниите производители. Во моментов се разговара со „Фајзер“ и „Астра Зенека“.
Според министерот, подготовката за прием и дистрибуција на вакцината во земјава се одвива со одлична динамика. Со тоа ќе работат економските оператори кои веќе ги чуваат и дистрибуираат останатите вакцини, а единственото што недостасува се фрижидерите за чување на вакцините до минус 70 Целзиусови степени – услов кој го бара вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“. Таквите фрижидери, како донација, треба да пристигнат во јануари.