Легитимно е Владата да бара дополнителни гаранции од Софија – вели лидерот на СДСМ и додава дека поддржува средба на премиерот со новиот претседател на владата на Бугарија
Апсолутно го поддржувам премиерот час поскоро да побара средба со политичката влада и премиерот на Бугарија, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, додавајќи дека тоа е начинот за да се расчисти дали може да се добијат дополнителни гаранции во однос на ветото за преговорите со Европската Унија.

„Еве, сега има политичка влада во Софија и апсолутно го поддржувам премиерот да побара час поскоро средба со политичката влада и премиерот во Бугарија, за и тој дел конечно се расчисти. За да видиме дали можеме или не можеме да добиеме некакви дополнителни гаранции. Ќе го поддржиме, повторувам, кој било подобар предлог. Апсолутно, која било форма на дополнителни гаранции, меѓутоа нека се случи час поскоро, бидејќи времето поминува. Албанија и Црна Гора со крупни чекори одат напред“,
изјави на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ.
Додаде дека претходните влади на СДСМ направиле максимум што можело за македонското прашање.
„Сметам дека јасно е потврден идентитетот, македонскиот јазик – веќе потпишавме договор со ЕУ, но легитимно е Владата да бара дополнителни гаранции“,
рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека сè уште немал комуникација со новиот бугарски премиер Росен Жељазков. Рече дека со задоволство би реализирал средба со новиот бугарски премиер на која би му пренел јасна порака – дека договорите треба да важат и да се почитуваат од двете страни.