Министерството за здравство ја обезбеди потребната терапија за голем број пациенти заболени од коронавирусот, која утрово ја прифати стручниот тим во Комисијата за заразни болести, а откако протоколот за лекување ќе добие одобрение од Агенцијата за лекови ќе почне да се аплицира кај пациентите, информираше на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Станува збор за комбинацијата на терапија која досега во повеќе публикации укажала на тоа дека дава добри резултати во лекувањето на пациентите со коронавирус.
„Веќе утре треба да се заврши формално-правната постапка со добивање дефинитивна дозвола за употреба на оваа комбинација на терапија од Агенцијата за лекови, по што веднаш ќе биде аплицирана на сите пациенти каде што тоа е индицирано. Станува збор за таканаречена ‘оф лејбл’ терапија за која допрва ќе се прават клинички студии, но многу земји веќе ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати во повеќе земји“,
рече Филипче
Филипче потврди дека антибиотикот „сумамед“, за кој во некои првични студии се посочува дека во комбинација со лек против маларија покажал ефекти кај дел од пациентите, е повлечен од слободна продажба во земјава поради големата побарувачка од страна на граѓаните. Сега ќе се издава само на бел рецепт на товар на Министерството за здравство, а министерот уверува дека има доволни количини и апелира граѓаните да не прават домашни резерви.
„Увидовме дека граѓаните почнаа да бараат огромни количини на лекот и беше донесена одлука дека ќе се издаваат на т.н ‘бел рецепт’. Сакаме барем сега да се направи добра проценка, а засега има сосема доволно количини од овој лек, затоа апелирам граѓаните да не создаваат резерви во своите домови, ниту самите да индицираат антибиотска терапија“,
изјави Филипче
Лекот против маларија – кинин, пак, според извори од Министерството за здравство, е набавен во доволни количини.
Поврзани вести:
Како ќе тече закажувањето преку матичен лекар за тестирање за коронавирус