Од денеска се ставени во функција 14 пункта за тестирање за коронавирус шиурм земјава. Два се во Скопје, во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ченто“, а не во Чаир како што беше досега информирано. Со тоа, се ставаат во функција и матичните лекари, односно граѓаните преку нив ќе можат да проверат дали имаат потреба од тестирање, како и да закажат термин.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција објасни и како ќе тече процесот на закажување преку матичен лекар.
„Секој пациент може да се јави кај својот матичен лекар, ќе ги каже симптомите и епидемиолошката анкета. Согласно податоците, матичниот лекар веќе има електронскиот алгоритам кој ќе укаже на тоа дали е потребно тестирање или не. Ако е потребно, кој е степенот на итност. Со тоа преку системот ‘Мој термин’ ќе се закаже соодветно време, согласно итноста, во кое ќе биде земен брисот во еден од 14 пункта во државата“,
рече Филипче.
По добивањето на резултатите, во случај некој пациент да е заразен со коронавирус, согласно клиничката слика ќе се оцени како ќе тече натамошното лекување односно дали ќе биде хоспитализиран на клиника или ќе биде на домашно лекување во секојдневна комуникација со медицински тим.