Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција посочи 63-годишниот маж од Дебар, кој починал синоќа на Инфективната клиника, не дал податоци дека имал некои други заболувања.
„Вчера по влошувањето на состојбата е направена реанимација, поставен е на респираторна машина, но по неколку часа почина. Ниту тој ниту некој од семејството не дал податок дека има некој коморбидитет. Со оглед на тоа што во однос на претходната пациентка која почина резултираше со повеќе прашања, дозволете да кажам дека пациентите кои имаа претходно болест, заболување на белите дробови, се во поризичната група и имаат повисока смртност, но има случаи во светот каде што се починати лица, а немале таква состојба. Тоа значи дека има секакви сценарија, ова значи дека во поризичната група се и повозрасните граѓани и тие со коморбидитет, но тоа не е правило“,
рече Филипче.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот зборуваше и за документот кој бил издаден за смртта на првата жртва, жената од Куманово.
„Во документ кој го издаваат јавно-здравствените установи се одговара на прашање на основна, директна причина на смртта и со оглед на тоа што настанало затајување на срцето и белите дробови, е наведена таа причина. Тоа е нешто што вообичаено се става ако на крајот е настанато откажување на срцевата акција“,
рече Филипче.
Тој ги повтори информациите за 22 нови случаи, кои претходно ги објавија од Министерството за здравство. Со нив, бројката на заболени во земјава до денеска до 12 часот изнесува 136 лица.
*Поврзани вести:
22 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа
Сите нови случаи се во врска со претходно заразени, нема автохтоно жариште во Македонија