Според министерот за здравство, не е толку битно дали ќе се воведе вонредна или кризна состојба колку што е важно да се почитуваат мерките за заштита
Нема промена во бројот на заболени од коронавирусот. Состојбата на заболените е непроменета. Дали ќе се прогласи вонредна или кризна состојба е небитно. Важно е да се имплементираат мерките кои во даден момент треба да се спроведат. Нашиот пристап е поостар и понавремен, изјави министерот за здравство Венко Филипче за „Утрински брифинг“.
„Битно е да се имплементираат мерки кои во даден момент треба да се спроведат. Нашиот пристап е поостар и понавремен. Ние направивме и спроведовме мерки во време кога другите земји тоа не го направија. Тоа е суштината во справување со овој проблем. Што помалку движење толку помали се шансите да се пренесе вирусот. Во Италија имаше сценарио во кое многу носители не беа свесни. Затоа сакаме да стивнат движењата. Тоа е единствениот начин да се спречи инфекцијата“,
истакна Филипче.
*поврзана вест Вонредната состојба во Србија под нивото на мерките во Македонија
Во однос на заболените, Филипче рече дека нивната состојба е непроменета и оти многу внимание се посветува на пациентката која е на респираторна машина.
„Непосредно по поставувањето на машина, тие параметри што очекувавме да се подобрат се подобрија. Но тоа не мора ништо да значи. Компликација може да настапи во кој било момент. Нема новопријавени пациенти“,
нагласи Филипче.
Тој избегнува да дава прогнози, ама вели дека луѓето треба да сфатат дека се работи за криза која може да потрае неколку месеци.
„Колку повеќе се придржуваат до мерките толку поблаг ќе биде пикот на болеста и здравствениот систем ќе може да го издржи. Ние не може да предвидиме. Сите мерки што ги правиме се за бројот на заболени да биде што помал. Верувам дека со сите мерки што ги преземаме сме спремни, особено со планот на ротација на кадарот, со опрема, материјали, дека нема да ни се случи сценарио што нема да може да го контролираме“,
изјави министерот за здравство.
*поврзана вест Вонредната состојба во Македонија дефинирана во Уставот: како се прогласува и што значи