Коментирајќи го зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во Куманово, каде во последниве 24 часа беа детектирани нови 23 случаи, министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција изјави дека состојбата будно се следи и се анализира поврзаноста на случаите.
Порача дека се уште е рано да се каже дали бројот е драматично зголемен, бидејќи како што вели, тоа може да е резултат на зголемениот интензитет на работа и тестирање во оваа општина во последните денови.
Филипче вели Куманово не е единствената општина што бара ригорозни мерки или целосен карантин по примерот на Дебар и Центар Жупа. Сепак, вели се прават анализи каде е потребно воведување поголеми рестрикции, врз основа на поврзаноста на заболените.
„Свесни сме за барањата, но барања има од повеќе општини. Ние одлуките ги носиме врз основа на проценката на епидемиолозите, на поврзаноста на случаите детектирани до тој момент, каква е нивната релациј во однос на кластерите, во однос на иницијалниот извор на болеста. Во таа смисла динамички ја пратиме ситуацијата и не би судел сега во овој момент врз основа на денешните тестови дека може да се процени во која насока ќе оди детекцијата на случаи конкретно во Куманово, но будно ја пратиме состојбата“, изјави Филипче.
Меѓу последните одлуки на Владата кои беа донесени за Куманово беше забраната на јавниот градски и меѓуградски патен и железнички сообраќај.
Градоначалникот Максим Димитриевски пак, веќе подолг период бара ставање на Куманово под целосен карантин.
Последната мерка што ја презеде Димитриевски за да го намали ширењето на вирусот беше затворањето на градскиот пазар. Со денешната одлука на општинскиот кризен штаб пак, се дозволува на пазарите да ги снабдуваат граѓаните со прехранбени стоки и земјоделски производи, но, под посебен режим на работа и со редарска служба.
Поврзана вест:
(ВИДЕО) Репортажа од Куманово, трет град по број на заразени, градоначалникот бара целосен карантин