До утрово бројот на хоспитализирани пациенти изнесува 379 или 13 проценти од вкупниот број активни случаи, а 87 проценти од активните случаи се на домашно лекување или асимптоматски. Во однос на состојбата на клиниките и болниците, на Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се 13 пациенти, вкупно се хоспитализирани 106, од кои на кислородна поддршка се 49 лица.
Овие статистики денеска ги соопшти министерството за здравство, Венко Филипче, кој додаде дека во модуларната болница до клиниката хоспитализирани се 11 пациенти, во болницата во Козле еден возрасен пациент.
До утрово во болницата „8 Септември“ се хоспитализирани 12 нови пациенти, вкупно хоспитализирани 132 пациенти, од кои шест се на респираторна машина. Во болницата во Битола хоспитализирани се 33 пациенти, во Штип 20, и на останатите инфективни одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, и Гостивар 76 пациенти.
„Покрај тоа што има доволен болнички капацитет, медицинскиот персонал е навистина преморен. Ние секојдневно правиме реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа и ова засега добро функционира. Системот може да го одржиме, но секако дека не можеме да издржиме без помош од граѓаните и почитување на мерките од нивна страна. Затоа повторно апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита, да се помогне пред сѐ на себеси, на своите најблиски и секако на сите вработени во здравствениот сектор“,
рече министерот Филипче.
Тој потенцираше дека од денеска почнува да се организира и во крајна фаза е да профункционира со работа лабораторијата во болницата во Битола. Во оваа лабораторија ќе се анализираат сите брисеви на пациенти кои се хоспитализирани во болницата, но и од регионот, со што ќе се растерети капацитетот во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.
Филипче информираше и за последниот извештај на Институтот за јавно здравје во кој се наведува дека од вкупниот број позитивни случаи регистрирани во период од 12 до 20 јуни, најголем дел се од Скопје (58.3%) и од Тетово (14.2%), што практично докажува дека овие два града и нивната околина се најголемите жаришта во државата, додека во другите градови се регистрира драстично помал број на случаи.