Вкупно 42 пациенти со по два негативни теста се новите излечени од ковид-19 во земјава. Се работи за 10 пациенти од Инфективната клиника, додека останатите 32, од нив 12 од Дебар и 20 од Скопје, се лекувале во домашни услови.
Сите, како што рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, се во општа добра состојба.
„Ова особено ме радува мене лично и здравствените работници во услови кога се справуваме со високоризична и непредвидлива болест. Болеста е непредвидлива и има пациенти кои завршуваат фатално и покрај напорите на лекарите и медицинските лица“, рече Филипче.
Од вкупно заболените 122 здравствени работници, Филипче информира дека седум веќе оздравеле и се вратиле на работа.
На клиниките во земјава вкупно се лекуваат 97 пациенти. Од нив 57 е на Инфективната клиника во Скопје, од кои 7 се на респираторни машини, а 14 на кислородна поддршка.
Во „8 Септември“ има 27 пациенти, од кои шест се на респираторни машини. Пет пациенти се во битолската болница кои се во добра здравствена состојба, а кај тројца утре ќе биде направен првиот контролен тест за да се види дали оздравеле.
Во болницата во Штип има 8 пациенти кои се стабилни и од нив само еден е во средно тешка состојба.
Во добра здравствена состојба се и двете деца на Инфективната клиника, едното бебе од 4 месеци и другото од 2,5 години. Бебето добило и посебна поддршка на крвта за тромбоцитна активност.
Тој ги соопшти и најновите податоци за новозаболени и смртни случаи во земјава. Во изминативе 24 часа починаа шест лица, од кои четири на Инфективната клиника, а две во болницата „8 Септември“, и има 54 нови дијагностицирани со ковид-19, со што вкупниот број во земјава досега е 908 лица.