Фестивалот има за цел да ја промовира Преспа како регион на соработка, пријателство и заеднички вредности, преку настани што ги поврзуваат луѓето од трите земји
Традиционалниот фестивал „Запознај ја Преспа“ (Meet Prespa) и годинава ќе ги обедини граѓаните од Македонија, Албанија и Грција преку богата културна, гастрономска и забавна програма.

Фестивалот има за цел да ја промовира Преспа како регион на соработка, пријателство и заеднички вредности, преку настани што ги поврзуваат луѓето од трите земји.
Фестивалот ќе се одржи на 3 до 5 јули во селата Брајчино и Долно Дупени.
Организаторите најавуваат содржини што ќе ги промовираат соработката, пријателството и заедничките вредности на трите соседни земји, претворајќи ја Преспа во место на средби, култура и размена на искуства.
„Преспа и годинава ќе биде пример за Балканот, Европа и светот за тоа како различностите нè обединуваат“,
порачаа организаторите.
Според програмата, фестивалот ќе започне на 3 јули во 20 часот кај училишниот двор во селото Брајчино, каде што ќе биде претставен реставрираниот казан за правење ракија, кој е пренаменет во музеј и информативен центар на селото. По свеченото отворање, од 21:30 часот до 1 часот по полноќ ќе настапи групата „Персиди“ со изведба на македонска поп-музика. Забавната програма ќе продолжи од 1 до 4 часот со настанот „Ноќ без интерпункција“, кој ќе се одржи во просторот на казанот.
На 4 јули програмата продолжува од 12 часот со Фестивал на храна во Брајчино, проследен со настапи на изведувачи на ресенски староградски песни, корчански серенади и фолклорна музика од грчкиот дел на Преспа. Во попладневните часови ќе бидат прикажани документарните филмови „Кодот на Преспа“, во режија на Никола Поповски по сценарио на Борјан Јовановски, како и филмот „Глас“ на Мето Јовановски.
Во приквечерните часови љубителите на џез-музиката ќе имаат можност да уживаат во настапот на „Hot jazz orchestra“ на локацијата Кај Бале, покрај реката во селото Брајчино.
Забавната програма ќе продолжи во текот на вечерта и до раните утрински часови со настапи на повеќе диџеи.
Последниот ден на 5 јули од 11 часот е предвиден традиционалниот поздрав за гостите – „Брајчинско котле“.
