Денешната одлука за суспензијата, Трамп ја оцени како цензурирање и навреда за 75 милиони луѓе кои гласале за него, а повторно обвини и за изборна кражба
Компанијата Фејсбук одлучи суспензијата од истоимената социјална мрежа и од Инстаграм на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, да трае две години. Суспензијата почнува да се смета од денот кога првично му беше забранет пристап – 7 јануари 2021, што значи дека Трамп ќе може да се врати на социјалните мрежи во јануари 2023.
Одлуката да се донесе забрана на две години наместо на неопределено време следува откако надзорниот одбор на компанијата пред еден месец ја поддржа блокадата, но истовремено сметаше и дена е несоодветно да биде на неодредено време.
Меѓутоа, враќањето на Трамп на Фејсбук и Инстаграм во јануари 2023 не е сигурно бидејќи тогаш, како што јавува телевизијата „Си-Ен-Би-Си“, компанијата повторно ќе проценува дали активирањето на неговите профили може да предизвика нов ризик за јавната безбедност.
Денешната одлука за суспензијата, Трамп ја оцени како навреда за 75 милиони луѓе кои гласале за него, а повторно обвини и за изборна кражба.
„Одлуката на Фејсбук е навреда за рекордните 77 милиони луѓе кои гласаа за нас на наместените избори во 2020. Не треба да им се дозволи да се извлечат за вакво цензурирање и замолчување, а на крајот, ние ќе победиме. Нашата земја не може да ја трпи оваа злоупотреба повеќе“,
вели Трамп.
Бившиот американски претседател беше блокиран од Фејсбук и Инстаграм по упадот на неговите приврзаните во зградата на Конгресот. Тогаш од компанијата соопштија дека го суспендираат на неопределено време бидејќи сметаат дека неговата намера е да ја поткопа мирната и законска транзиција на власта, по изборите на кои изгуби од Џо Бајден.