Целта на руската кампања во Европа била да се сејат поделби, да се дискредитира Америка и да се поткопа поддршката за Украина, покажува серијата руски документи, дописи и записници од состаноци за спроведување на психолошка војна
Американската влада обвини двајца руски државјани и заплени повеќе од 30 интернет домени поврзани со кампања за влијание врз американските избори.
Меѓутоа, купот информации што ФБИ ги достави до судот откри и друга бомба: руска операција за манипулација со германски, француски, италијански и британски политичари, бизнисмени, новинари и други влијателни луѓе, пишува „Политико“.
Целта на руската кампања во Европа била да се сеат поделби, да се дискредитира Америка и да се поткопа поддршката за Украина, покажува серијата руски документи, дописи и записници од состаноци за спроведување на психолошка војна.
ФБИ ги добиле документите и ги испратиле до судот како дел од обвиненијата поднесени во средата. Поднесокот од 277 страници ги прикажува руските планови да ги освои срцата и умовите на Европејците.
Еден допис од Руската агенција за социјален дизајн опишува план за влијание врз јавноста преку вистински објави и коментари на социјалните мрежи за да се заобиколат филтрите за ботови.
Ги фалсификувале западни медиуми
Агенцијата за социјален дизајн работи по наредба на Сергеј Киријенко, заменик-началникот на кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин, се вели во досие на ФБИ.
Во рускиот документ се наведува дека целта на кампањата е „да предизвика рационални („зошто токму НИЕ треба да ѝ помогнеме на Украина?“) и емотивни („Американците се вистинско ѓубре!“) реакции кај публиката“.
Операцијата, исто така, се потпирала на таканаречените „doppelgänger“ домени за ширење на лажни написи и содржини кои изгледале како да доаѓаат од западните медиуми.
Домените вклучувале фалсификати на Ројтерс, Шпигел, Билд, Ле Монд, Ле Паризен, Велт, ФАЦ, Зидојче цајтунг, Делфи и други, а биле платени со криптовалути како биткоин, тврди ФБИ.
Германија како посебна цел
Руските оперативци ја идентификувале Германија како особено ранлива цел за руско влијание.
„Германците се позависни од Французите“,
се вели во еден од руските документи.
Веројатно тоа се однесува на економската зависност на Германија од рускиот гас и извозот.
„Прво и најважно, ние мора да ги дискредитираме САД, Велика Британија и НАТО, и второ, мора да ги убедиме Германците да се спротивстават на неефикасната политика на санкции“,
цитира ФБИ внатрешен руски документ.
Друг документ од Агенцијата за социјален дизајн ја опишува операцијата наречена „Поттикнување меѓународен конфликт“ насочена конкретно кон Франција и Германија.
Целта на операцијата е следна:
„Да ескалираат внатрешните тензии, со цел да се промовираат интересите на Руската Федерација, како и да се влијае на конфликтите во реалниот живот и вештачки да се создаваат конфликтни ситуации преку лажни написи, инфлуенсери, како и насочени објави и коментари на социјалните мрежи“.
Во рускиот документ се додава дека целта е да се „дестабилизира социјалната ситуација“ во Франција и во Германија преку „ширење дополнителни лажни наративи, лажни видеа, документи и снимки од телефонски разговори, коментари на социјалните мрежи и лажни и вистински цитати од влијателни лица“.