Ние сме избрани од граѓаните за да решиме проблеми. Кога ќе видиме дека има проблеми по патот, а во овој случај опозицијата очигледно намерно опструира само за да не дозволи Владата да испорача и на штета на граѓаните, па дури и на нивните гласачи, ние мора да најдеме решение. Сметаме дека за да се изградат автопатите побрзо и поевтино треба овие закони да поминат, вели министерот Османи

Европското знаменце не е европски механизам, туку наш, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител, прашан во врска со тоа дали е злоупотребено за побрзо да се донесат законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Според објаснувањето на Османи, тоа е механизам за да се создаде брза патека за донесување закони поврзани со усогласувањето со европското право, но тоа не ја исклучува можноста Владата да го користи и за други прашања што, како што рече, го олеснуваат патот до ЕУ, а не се директно поврзани со европското право.
На забелешката дека Европската комисја порачала дека не смее да се користи европското знаме за скратување на процедурите и на јавните консултации, Османи одговори дека и опозицијата не смее да го злоупотребува филибастерингот за да спречи закони и решенија кои се важни за граѓаните.
„Очигледно има опструкција од страна на опозицијата, само за да се биде против. Лидерот на опозицијата од граѓаните добива назив ‘господин против’, бидејќи нема решение за ниту едно прашање за граѓаните, туку едноставно е против ова дури и пред да се читаат решенијата. Кога беше францускиот предлог беше фамозната изјава: Не сум го прочитал документот, но јас сум против. Кога имате една таква атмосфера вие како Влада сте избрани од граѓаните да најдете решение. Граѓаните патуваат до Охрид 2,5 часа низ Стража, со сите ризици и ние сме должни да обезбедиме автопат Скопје-Охрид за да граѓаните патуваат еден час. 30 години чекаат на овој проект и Владата има добиено мандат од граѓаните да испорача, да го изгради автопатот“,
рече Османи.
За обвинувањата дека 200 до 300 милиони евра ќе завршат во приватен џеб, Османи рече дека опозицијата со ова се повикува на примерот со автопатот Кичево-Охрид кој е заглавен 10-15 години, а кој они го воделе како проект.
„Тој автопат заглави затоа што бил направен за никогаш да не се изгради. Од сигурни податоци самите проектанти велат дека било проектирано така за да се дуплираат цените и сега е стигнато до дуплирање на првичната цена. Веројатно од таа логика опозицијата сега вели овие ќе злоупотребуваат“,
додаде Османи.
На прашањето што ќе биде кажано во Брисел на забелешките за злоупотреба на европското знаме, Османи рече дека аргументот е блокадата на опозицијата.
„Ние сме избрани од граѓаните за да решиме проблеми. Кога ќе видиме дека има проблеми по патот, а во овој случај опозицијата очигледно намерно опструира само за да не дозволи Владата да испорача и на штета на граѓаните, па дури и на нивните гласачи, ние мора да најдеме решение. Сметаме дека за да се изградат автопатите побрзо и поевтино треба овие закони да поминат. Очигледно опозицијата има други цели. Ние оставаме граѓаните на крај да проценат дали сакаат автопатско решение кое ќе биде по примерот на најдобрите патишта во регионот изградени од ‘Бехтел и Енка’, по поевтина цена или сакаат да заглави автопатот како овој Кичево-Охрид, да се дуплира цената и повторно граѓаните да неможат да патуваат до Охрид низ автопат, туку низ планини“,
одговори Османи.
Според него Европската унија и земјите членки гледаат каков став има опозицијата кон државата и кон граѓаните.
„Очигледно има намера да опструира се што е корисно и во интерес на граѓаните, да го блокира за да добие некој политички поен повеќе или Владата да не може да испорача за да утре ја критикуваат дека нема автопат до Охрид, а сме ветиле. Тоа е целата работа. Значи они се спремаат за наредната кампања идната година и да кажат немате автопат до Охрид, а мислат дека граѓаните ќе заборават дека они беа тие што го кочеа проектот“,
рече Османи.
Тој вели дека секое решение кое е важно за граѓаните и државата се блокира од страна на опозицијата и дека тие како Влада бараат начини барем за клучните прашања кои се од животно значење за економијата на државата, за прогресот, благосостојбата на граѓаните.
За Османи, добар аргумент кој ќе биде кажан во Брисел е деструктивното однесување на опозицијата со филибастеринг на важни решенија и со „концептот ајде да бидеме против затоа што тоа ќе ни донесе некој политички поен повеќе“.