Европскиот парламент денеска го поддржа воведувањето на дигитален ковид-сертификат на ЕУ за да се олесни патувањето внатре во унијата, но и да помогне за закрепнување на економијата. Сертификатите ќе се применуваат од 1 јули 2021 година и ќе важат 12 месеци, се вели во соопштението на ЕП.
Документот ќе потврди дека лицето е вакцинирано против ковид-19, дека неодамна имал негативен резултат од тестот или се опоравил од инфекцијата. Во пракса, ова ќе бидат три различни сертификати.
Како што јави Н1, сертификатите ќе бидат издадени бесплатно од властите на земјите-членки и ќе бидат достапни во дигитален или хартиен формат и ќе имаат QR-код.
Заедничката рамка на ЕУ ќе ги направи сертификатите интероперабилни и проверливи низ Европската унија, како и спречување на измама и фалсификување.
За време на меѓуинституционалните преговори, европратениците обезбедија договор дека земјите од ЕУ нема да можат да воведат дополнителни ограничувања за патување на имателите на сертификати – како што се карантин, самоизолација или тестирање – „освен ако не е потребно и пропорционално за да се заштити јавното здравје“.
На барање на парламентот, Комисијата вети дека ќе мобилизира 100 милиони евра во рамките на Инструментот за поддршка на итни случаи, така што земјите-членки ќе можат да купат тестови за издавање на ЕУ дигитални ковид-сертификати.
Сите земји на ЕУ меѓусебно мора да прифатат сертификатите за вакцинација од вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Земјите-членки треба да одлучат дали ќе прифатат сертификати за вакцини одобрени во согласност со националните постапки за одобрување или за вакцините наведени од Светската здравствена организација за итна употреба.
Сите лични податоци ќе бидат обработени во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците.