Оценувајќи ја средбата со Гаши како конструктивна, Доцова во изјава за медиумите по состанокот, рече дека ја изразила и загриженоста на Софија за, како што наведе, антибугарските дејствија и палењето на двете возила на бугарската амбасада во Скопје. Во тој контекст, таа побара соодветна казна за сторителот, со цел да се покаже дека вакви неодговорни дејствија се недозволиви
Северна Македонија мора да го спроведе европскиот консензус од 2022 година за да продолжи по својот европски пат. Ова не е предмет на повторно преговарање. Потребно е да се направат уставните измени. Овој познат став на официјална Софија во однос на напредокот на земјава кон Европската Унија, претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, му го пренела и претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, за време на нивната билатерлна средба на маргините на 13. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ што се одржува во Софија.

Оценувајќи ја средбата со Гаши како конструктивна, Доцова во изјава за медиумите по состанокот, рече дека ја изразила и загриженоста на Софија за, како што наведе, антибугарските дејствија и палењето на двете возила на бугарската амбасада во Скопје. Во тој контекст, таа побара соодветна казна за сторителот, со цел да се покаже дека вакви неодговорни дејствија се недозволиви.
„Имавме конструктивен разговор со г. Гаши. Се разбира, ја изразив мојата загриженост и загриженоста на нашата држава по зачестените антибугарски дејствија, како и за невидениот напад врз дипломатските автомобили на нашата дипломатска мисија. Ги изразив нашите очекувања дека по брзото дејствие во насока на откривање на сторителот, она што го очекуваме како држава е соодветна казна за сторителот за да може да види општеството дека има фер одговор на вакви неодговорни дејствија кои според нас се недозволиви.
Исто така ја повторив позицијата дека постигнатиот европски консензус во 2022 година за условите постигнати за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија, е нешто што не подлежи на договарање. Неопходно е да бидат направени уставните измени“,
изјави претседателката на бугарскиот парламент по билатералната средба со својот македонски колега, пренесоа бугарските медиуми.
Претходно од кабинетот на Гаши соопштија дека на средбата претседателите на парламентите на С Македонија и на Бугарија се согласиле дека во иднина треба да се стави поголем акцент на размената на парламентарната експертиза и споделувањето на искуствата на Софија како во врска со надзорот на законодавството и парламентарната транспарентност, така и преку истражување на можностите за парламентарна поддршка и размена на искуства во врска со реформите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ.

Соговорниците се согласиле и околу забрзаната реализација на транспортните и енергетски проекти, кои имаат споделено стратешко значење за двете држави, регионот, НАТО и ЕУ, ставајќи посебен акцент на Коридорот 8.
Претседателот на македонското Собрание ја искажал посветенста на С Македонија на добрососедските односи, европските вредности и регионалната стабилност, констатирајќи дека моделот на градење наративи со фокусирање кон минатото и историјата се покажал како предизвик што ги оптоварува односите, поради што фокусот треба да се префрли на други развојни теми.
