Земјите од ЕУ одлучија да ги замрзнат имотите на три лица и еден субјект одговорен за испорака на беспилотни летала, се наведува во соопштението на чешкото претседателство со ЕУ
Членките на Европската Унија се договорија за воведување нови санкции против Иран поради испорака на беспилотни летала кои беа користени за напад на Украина, објави денеска чешкото претседателство со ЕУ.
„Амбасадорите на ЕУ се договорија за мерките против субјектите кои ги испорачуваат иранските беспилотни летала што ја погодија Украина“,
објави претседателството на Твитер, додавајќи дека санкциите ќе стапат на сила денеска попладне.
#COREPERII | ✅ #Iran #sanctions in record time! After 3 days of talks, EU ambassadors agreed on measures against entities supplying Iranian drones that hit #Ukraine. Written procedure is over, sanctions come into force this afternoon on publication in the Off. Journal. #EU2022CZ pic.twitter.com/Fjqaqz7mfj
— EU2022_CZ (@EU2022_CZ) October 20, 2022
„Земјите од ЕУ одлучија да ги замрзнат имотите на три лица и еден субјект одговорен за испорака на беспилотни летала“,
се наведува во соопштението.
ЕУ е исто така „подготвена да ги прошири санкциите на уште четири ирански субјекти кои веќе беа на претходната листа на санкции“, се заклучува.
Иран постојано негираше дека ѝ доставил на Русија оружје за употреба во Украина, нагласувајќи минатата недела дека тоа „не го направил и нема да го направи“. Кремљ, пак, соопшти дека нема информации дали се користени ирански беспилотни летала, камикаѕи-дронови, користени на 17 октомври во нападот на Киев.
Портпаролката на ЕУ, Набила Масрали, вчера рече дека блокот има „доволно докази“ да го санкционира Иран поради испораката на беспилотни летала во Русија, за кои се верува дека биле користени против Украина.
Претходно оваа недела, украинското Министерство за одбрана објави дека вкупно 37 ирански беспилотни летала „Шахед-136“ и три крстаречки ракети лансирани од Русија биле соборени во ноќта од неделата кон понеделникот.