Дигиталното евро се смета за најдобра шанса на ЕУ да ја прекине зависноста од американските платни системи како Виза, Мастеркард, како и Епл пеј и Гугл пеј
Европскиот парламент поддржа обновени преговори за создавање дигитална верзија на валутата на блокот, еврото, јавува Дојче веле.
Вкупно 416 делегати гласаа „за“, 169 „против“ и 22 „воздржани“. Сега пратениците треба да се сретнат со земјите членки за да го дискутираат концептот подоцна месецов.
Парламентот на ЕУ и земјите членки се надеваат дека ќе постигнат договор до крајот на 2026 година. Доколку го постигнат, Европската централна банка (ЕЦБ) би можела да го направи дигиталното евро достапно во 2029 година.
Најчувствителните прашања вклучуваат како ќе се делат надоместоците и како ќе бидат компензирани банките и давателите на услуги за плаќање, јавува Еуроњуз.
Дигиталното евро се смета за начин блокот да ја прекине зависноста од американските платни системи како Виза, Мастеркард, како и Епл пеј и Гугл пеј.
Според ЕЦБ, речиси две третини од плаќањата со картички во еврозоната ги обработуваат неевропски компании, главно Виза и Мастеркард.
Покрај тоа, околу 13 од 21 земја од еврозоната немаат национална шема за картички за секојдневни плаќања во продавници или онлајн продавници.
